„Човекот што не сакаше да умре“ на неколку филмски фестивали

02/11/2015

Анимираниот филм „Човекот што не сакаше да умре“ во режија на Гоце Цветановски, е селектиран во програмата Animated Night  во склоп на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Anilogue“, што ќе се одржи во период од 25-29 ноември во Будимпешта. Филмот ќе биде прикажан и во рамки на   Eastern and Central European Panorama во склоп на Меѓународниот фестивал на анимиран филм „АНИМАТЕКА“, кој ќе се одржи во период од 7-13 декември во Љубљана, СЛовенија. Филмот е на програмата на 8 декември во 12.00 часот во киното Кинодвор.

„Човекот што не сакаше да умре“  беше прикажан и на Филмскиот фестивал за хорор филмови „Хризантема“  што се одржа од 30 октомври до 1 ноември, 2015 година во Суботица, Србија каде ја доби наградата за Најдобар анимиран филм.

Во периодот што следи филмот ќе биде прикажан во официјална конкуренција на Фестивалот на европски филм „Еурошортс“. Проекциите на филмовите ќе се одржат во градовите Варшава, Гдањск и Катовице во Полска како и во рамки на Фестивалот за анимиран филм „Анимакс Скопје“ што ќе се одржи 5-8 ноември, во Скопје.

„Човекот што не сакаше да умре“ е приказна за човек кој планира да се самоубие но се предомислува кога Смртта ќе дојде по него. Тој ќе се обиде да ја наговори да го пушти по што следува смртоносна игра.

Проектот е поддржан од Агенција за филм на Р. Македонија.