34. Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ отвора со „Соба со пијано“

12/09/2013

Последното остварување на режисерот Игор Иванов „Соба со пијано“ ќе го отвори годинешното издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот традиционално ќе се одржи во Битола, Макеоднија  во периодот од 14 до 20 септември.

Богатата филмска програма, под мотото „Пушти ја светлината“ во десет програмски целини донесува врвни 74 наслови од светската и македонската кинематографија.

Во главната програма се наоѓаат 12 исклучителни филма меѓу кои и „Слатки“ на еден од најинтригантните израелски режисери, Јосеф Пичадѕе и „Танго либре“ во режија на Фредерик Фонтејн, кој ќе биде прикажан на завршната церемонија на Фестивалот.

Програмата Нови Визии годинава нуди смел и интересен избор од 6 филма од кои дури четири се дебитантски дела. За првпат филмовите доаѓаат надвор од Европа – Колумбија, Гвателама, Техеран и Израел со исклучок на „Адрија блуз“ на  Мирослав Мандиќ. Документарната програма носи 8 провокативни наслови од Жељко Мирковиќ, Барбара Милер, Марат Саргсијан  и други додека во Македонската панорама се наоѓаат најновите остварувања од македонската кинематографија: „Дисидент“, „Влакна“, „Игра и спас“, „Материјал за аудиција“, „Горчина“, „Шумарот“, „Намини бар еднаш“,   а ова претставува и македонска премиера за некои од нив како „Алерик“ на Вук Митевски и „Мама Европа“ на Петра Селишкар кои беа премиерно прикажани на годинешниот Сараевски филмски фестивал.

Годинава во рамки на Фестивалот на Кирил Ценевски ќе му биде врачена наградата Златна камера 300 за особен развој на македонската кинематографија, додека лауреати на годинешното издание се шпанскиот кинематографер Хосе Лиус Алкаин, претседател на жирито кој ќе биде награден со „Златна камера 300“ за животно дело и француската режисерка Ањес годар, добитник на специјалната награда „Златна камера“ за особен придонес во светската филмска уметност. Во нивна чест ќе бидат прикажани и филмовите „Кожата во која живеам“ и „Дом“.

Освен програмата исполнета со квалитетни филмови, фестивалот ќе понуди работилнци, конференции, промоции, програмски иновации, сценариско катче кои ќе допринесат за неверојатната седумдневна  фестивалска динамика.  

Ексклузивен гостин на фестивалот годинава е француската актерка Исабел Ипер, која ќе присуствува на завршната церемонија на фестивалот.

 

Повеќе информации за фестивалот, ОВДЕ