Почна снимањето на филмот „Сведок“ во Македонија

17/10/2014

Започнува снимањето на долгометражниот филмски проект „Сведок“ на продуцентската куќа ПИРЕЈ ФИЛМ од Скопје во ко-продукција со TIPI’MAGES Productions од Швајцарија, SAMSON Films од Ирска и MP FILM Productions од Хрватска, на локации во Македонија. Официјалното снимање започна на 1-ви октомври 2014 и истото се одвиваше 10 дена на локации низ Хрватска.

„Сведок“ е акциона драма за еден помлад офицер од Хашкот воен трибунал, полн со ентузијазам, кој е во потрага по правдата. Крвавата потера ќе му даде животна лекција на младиот претставник кој ќе сфати дека постојат многу повеќе нијанси од она што тој сметал дека е “црно и бело”.

Филмот е во режија на Митко Панов, сценариото го потпишуваат Митко Панов и Владислав Пасиковски, директор на фотографија е Пиотр Јакса, а останатиот дел од интернационалната екипа го сочинуваат филмски работници од Ирска, Македонија, Швајцарија, Франција и Хрватска.

Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Федералната канцеларија за култура на Швајцарија, Ирскиот филмски фонд и Еуримаж.