Заврши снимањето на „Црвената соба“

09/06/2016

        Заврши снимањето на најновиот проект на режисерската Косара Митик, кратометражниот игран филм „Црвената соба“.

        Филмот суптилно  обработува една суштинска човечка тема, а тоа е осаменоста и стравот од соочување со истата. Ова е приказната за Никола,  пензиониран наставник по математика кој води тивок и повлечен живот сѐ додека не почне да чувствува дека има потреба да побегне од самотијата која што полека, од ден на ден, го убива. Тој одлучува дека е време да направи промена и станува ѕвезда на мошне популарна емисија наречена „Љубов за сите“. Концептот на емисијата е да им помогне на осамени стари лица да најдат животни партнери. Затруен од лажниот гламур и магијата на шоуто, Никола лесно станува жртва на медиумската манипулација.

        Сценариото и режијата се на Косара Митиќ, а продуценти се Кристијан Буровски  и Димитар Минов од Црна Мачка Продукција. Aвторската екипа ја сочинуваат Дејан Димески - директор на фотографија, сценографија Кирил Спасески, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, монтажата на Владимир Павловски, а шминката на Наталија Кајевска.

        Улогите ги толкуваат Диме Илиев, Силвија Стојановска, Марија Кондовска, Горан Илиќ, Пепи Мирчевски, Мони Дамевски, Сашко Коцев и Славиша Кајевски.

        Филмот е копродукција на продуценската куќа „Скопје Филм Студио“ и Телевизија Телма.

        „Црвената соба“ се снимаше на неколку локации во Скопје во период од 12 мај до 19 мај. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РМ.