„Исцелител“на HBO каналот Cinemax 2 за Нова година

03/01/2018

 

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески премиерно се емитуваше во ударен термин на новогодишната ноќ на престижниот филмски канал Cinemax 2 од семејството на HBO канали, како прв македонски филм кој е дел од понудата на видео стриминг услугата HBO GO. Cinemax 2 е филмски канал кој се фокусира на филмски класици, култни филмови и евергрини, како и актуелни меѓународни и европски сензации од филмските фестивали. Филмот се емитуваше низ цела централна Европа а од 31 декември е достапен и во понудата на HBO стриминг услугата на видео на барање - HBO GO.  

Со новогодишното прикажување на „Исцелител“ продолжува серијата успеси и остварувања на филмот. Претходно „Исцелител“ ја освои наградата на публиката на Солунскиот филмски фестивал (прва во македонската историја), специјалната награда за сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел, а доби и фантастични рецензии во речиси сите филмски списанија како „Варајети“, „Скрин Дејли“ и „Холивуд Репортер“ каде дури беше предложена и идејата да се направи американски римејк на филмот.