„Трето полувреме“ официјален македонски кандидат за Оскар

13/09/2012

  Друштвото за филмски  професионалци на Македонија, како асоцијација овластена од страна на Американската академија за филмски науки и уметности, го заврши овогодишниот избор за национален македонски кандидат за наградата Oскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. 

Комисијата избираше помеѓу филмовите “Трето полувреме” на Дарко Митревски (во продукција на Кино око), “Жената која си ги избриша солзите” на Теона Стругар Митевска (во продукција на Систерс енд Брадр Митевски) и “Скопје Ремикс” на група режисери (во продукција на Ново македонско видео). Филмот “Балканот не е мртов” на Александар Поповски (во продукција на Кино око) од технички причини навремено ја повлече својата кандидатура.

Kомисијата со мнозинство гласови одлучи овогодишен македонски кандидат да биде филмот “Трето полувреме”, во режија на Дарко Митревски.

„Трето полувреме“ e трет филм на режисерот Дарко Митревски, по „Збогум на 20от век“ од 1998 година и „Балканкан“ од 2005 година. Филмот, во кој главните улоги ги толкуваат Сашко Коцев И Катарина Ивановска, е приказна за љубовта, фудбалот и борбата против фашизмот, во најтурбулентното време во историјата на светот - Втората Светска Војна. Премиерата на филмот е закажана на годинешното 33. издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржува од 15-21 септември во Битола.

Веста можете да ја прочитате и во онлајн изданието на филмскиот магазин Variety