Филмот „Трето полувреме“ прикажан во Лос Анџелес

14/12/2012

Во „Симон Визентал“ Центарот на Беверли Хилс, во Лос Анџелес, синоќа се одржа проекција на филмот „Трето полувреме", проследена со разговор со публиката.

На проекцијата присуствуваа повеќе од тристотини гости меѓу кои видни личности од јавниот живот на Лос Анџелес, како Бони Арнолд (продуцент на "Тој Стори"), Мајкл Беренбаум (автор на Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон), Ари Зев (директор на Спилберговата USC Shoah Visual Foundation), Давид Франко (музички супервизор на Парамоунт Студијата), претставници на Бавариа Филмс и Самјуел Голдвин Филмс, холивудски продуценти и агенти како и преживеани затвореници од логорите Аушвиц, Дахау и Треблинка.

Од страна на продукцијата Кино Око присутни беа режисерот Дарко Митревски, продуцентот Роберт Насков и главната актерка Катарина Ивановска. Во получасовниот разговор со публиката режисерот Митревски зборувал за мотивите и вистинските приказни врз кои е базиран овој филм.

            

Деновиве филмот беше рекламиран во престижните филмски магазини "Variety" и "The Hollywood Reporter", а наскоро следува уште една завршна проекција во Линколн Центарот во Њујорк. Во меѓувреме, филмот беше прикажан и на дистрибутерски тест-скрининзи во Чикаго, каде што 78% од посетителите го оценија филмот со највисоката оценка "одличен". Овие проекции се дел од финалните активности од оскаровската кампања на овој филм.

Гласањето на членовите на Американската филмска академија се затвора на 17. декември, а изборот на деветте филма кои влегле во потесниот избор за наградата за најдобар филм од странско говорно подрачје ќе биде соопштена на 2. јануари.