Големиот француски кинематографер Пиер Лом лауреат на Златна камера 300

22/08/2017

 

Големиот француски и светски кинематографер Пиер Лом е вториот лауреат на Златна камера 300 за животно дело на годинешното 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола.

Ова денеска го соопшти директорот на Фестивалот, Благоја Куновски – Доре, кој истакна дека со доделувањето на Златнaта камера на овој кинематографер се заокружува Клубот на великани на Фестивалот „Браќа Манаки“.

- Пиер Лом е легенда на француската и европската кинематографија, она што е најзначајно и карактеристично во опусот на овој кинематографер е што соработувал со големи имиња на француската и светската кинематографија, адаптирајќи се со својата вештина на сечиј стил. Во неговата 40-годишна кариера тој ги има снимено некои од ремек делата на француската кинематографија, вклучувајќи го и филмот „Сирано де Бержерак“. За својата работа ја има добиено наградата на Европската филмска академија за најдобар кинематографер, потоа францускиот Оскар „Цезар“ и низа други награди.

На денешната прес конференција во ЕУ Инфо Центарот, гостин беше и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоније, кој се обрати на македонски јазик и изрази задоволство што еден од живите великани на француската кинематографија е годинашен лауреат на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

Претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Робер Насков, информираше дека сите недоразбирања и дилеми околу организацијата на фестивалот се расчистени. Тој објави и дека во ДФРМ одлучиле годинава наградата на Друштвото „Големата Ѕвезда“ да му ја додели на „Вардар филм“, институција која оваа година слави 70 години од своето основање, со што филмските работници се заблагодаруваат на сите оние кои биле вработени во оваа најзначајна институција во развојот на македонскиот филм и сите што биле ангажирани и на тој начин преку оваа продуцентска куќа, придонеле за македонскиот филм.

Уметничкиот директор на фестивалот „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска му се заблагодари на новизбраниот директор на Агенцијата за филм на РМ, Горјан Тозија за поддршката за фестивалот и рече дека и покрај сите препреки што ги имаше раководството во организацијата на фестивалот, тој годинава ќе донесе одлични филмови во сите 14 фестивалски програми и голем број на гости.

На крајот, директорот на Фестивалот, Куновски ги објави и имињата на членовите на петчленото жири кое ќе одлучува за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300 на годинашноиот фестивал. Тоа се: Пол Рене РОСТАД, кинематографер од Норвешка, актуелен претседател на ИМАГО и членовите: Лука КОАСИН, кинематографер од Италија, Јани – Петери ПАСИ, кинематографер од Финска, Даријан ПЕЈОВСКИ, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол ЗУБЧЕВИЌ, кинематографер од Босна и Херцеговина.