Во тек е снимањето на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски

16/11/2017

 

Повеќе од две недели екипата која работи на филмот „Ефектот на среќа“ (The happiness effect) во режија на Борјан Зафировски снима приказна за универзалната потрага по среќа на различни локации низ Скопје и Охрид, а во моментов се работат сцени во студиото на Fx3x. Главните ликови во ова остварување ги толкуваат: Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска додека во останатите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Покрај тоа што е режисер, Зафировски го напиша и сценариото во соработка со познатиот македонски драматург и писател Дејан Дуковски.

Дејството во „Ефектот на среќа“ е сместено во Македонија, но приказната е универзална и е поврзана со личната потрага по среќа и по смислата на животот што се прашања кои се заеднички за сите луѓе без разлика од каде доаѓаат.

„Ефектот на среќа“ е во продукција на „Ново Македонско Видео“, во ко-продукција со „Њу Момент“ и „Видео Хаус анимејшн“ od Makedonija, „B2 – PR & Media Solutions“ од Косово и „Lissus Media“ од Албанија, а истиот е финансиски поддржан од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија, Национален центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово.

Снимањето на првите сцени на „Ефектот на среќа“ започна во летото оваа година и истото ќе продолжи во следните 10-ина дена на различни локации низ Скопје.