Фестивалот на европски филм „Синедејс“ отвора со премиера на „Три дена во септември“

06/11/2015

14то издание на Фестивалот на европски филм – Синедејс  отвора со македонската премиера на „Три дена во септември“ во режија на Даријан Пејовски. Фестивалот ќе се одржи во период од 12-21 ноември, под наслов „Хотел Синедејс“.

Фестивалот годинава ќе понуди атрактивна и возбудлива филмска и музичка програма. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во богатата селекција составена од повеќе од стотина наслови од актуелната европска и светска кинематографија, меѓу кои и квалитетна понуда на музички документарци и избор од македонски краткометражни филмови (од кои следниве  се поддржани од Агенцијата за филм на РМ: „Девојката што паѓа“ во режија на Владимир Лукаш, „Карма“ во режија на Владимир Митревски, „Пепи и Муто“ во режија на Ѓорѓи Унковски и „Кружно патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов ), а земји во фокус годинава се Индија и Иран.

Како дел од придружната програма, ќе се одржи меѓународна панел-дискусија на тема „Миграции“ со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа

Фестивалот затвора на 21 ноември во кино „Милениум“ со премиера на словенечко/македонско/чешката копродукција „Шишка делукс“ во режија на Јан Цвитковиќ.

Повеќе информации за фестивалот, ОВДЕ