„До Балчак“ и две македонски копродукции наградени на фестивал во Лесковец

28/09/2015

„До Балчак“,  најновото остварување на режисерот Столе Попов ја понесе наградата за најдобра женска улога на овогодинешното издание на Интернационаниот фестивал за филмска режија што се одржа во период од 8-12 септември во Лесковец, Србија.

Членовите на жирито едногласно ги наградија актерките Инти Шрај  (До Балчак) и Јована Стојилковиќ  (Панама) со наградата Златен Лешник за најдобра женска улога. Режисерот Столе Попов и актерите Сашко Коцев и Мартин Јорданоски беа гости на фестивалот и присуствуваа на проекцијата на филмот.

Во склоп на официјалната фестивалската програма се прикажаа 12 долгометражни филмови од екс-ју земјите и  6 филма во придружната програма.

Режисерот Огњен Свиличиќ беше награден со Специјално признание за неговиот филм „Такви се правилата“ (копродукција помеѓу Хрватска, Франција, Србија и Македонија) додека Втората награда „Живојин Жика Павловиќ“ ја доби режисерот Винко Модерндорфер за филмот „Инферно“ (копродукција помеѓу Словенија, Хрватска, Србија и Македонија).