„До Балчак“ на престижниот фестивал во Ненси

09/09/2015

„До балчак“, најновото филмско остварување на култниот Столе Попов, ја доживеа својата западноевропска премиера на Меѓународниот фестивал Нанси-Лорен кој се одржа од 28 август до 6 септември во Франција. Филмот беше прикажан на 4 септември во програмата Под ѕвездите, каде како гостин од екипата присуствуваше актерката Инти Шрај.

За време на фестивалот, публиката има можност да проследи  150 филма од над 40 земји што претставува можност за средба со други култури и поинаков начин на живеење, отворање кон културната разноликост со надминување на културните и уметничките граници.

Филмот е работен по сценарио на Горан Стефановски, ко-сценарист е Столе Попов, директор на фотографија е Апостол Трпевски, музиката е на Дуке Бојаџиев, сценограф  Миленко Јеремиќ, костимограф Емилија Ивановска, а главните улоги ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски.

Филмот е во ко-продукција помеѓу Триангл филм, Сектор Филм, ФХ3Х и Македонска Радио Телевизија, финансиран со средства од Владата на Република Македонија, Министерство за култура, Агенцијата за филм на Република Македонија.