Два македонски филма на Сараевскиот филмски фестивал

19/07/2013

Документарниот филм „Мама Европа“ и краткометражната стоп анимација „Алерик“влегоа во официјалната селекција на документарен и краткометражен филм на годинешниот 19. сараевски филмски фестивл, кој ќе се одржи во период од 16-24 август.

„Мама Европа“ е хумористичен филм базиран на личните искуства на авторот додека се соочува со границите на Шенген зоната. Филмот фрла поглед врз Европа низ очите на шестгодишното девојче Тера. Филмот е словенечко-македонска копродукција, во режија на Петра Селишкар, и беше премиерно прикажан во јуни на Фестивалот за креативен документарен филм МакеДокс.

Краткометражната стоп анимација „Алерик" својата светска премиера ќе ја има на Сараевскиот филмски фестивал. Филмот е примен во официјалната натпреварувачка програма и заедно со уште девет кратки филма ќе се бори за престижната награда „Срцето на Сараево“. „Алерик" е македонско-германска копродукција во режија на Вук Митевски, кој ја раскажува приказната за Алерик, младо момче кое живее со својот дедо. Кога војната ќе ги стигне и ќе го разурне нивниот свет, Алерик останува сам и завршува на военото поле.

Филмовите се поддржани од Филмскиот фонд на Македонија.

Повеќе информации за Фестивалот, ОВДЕ