Американска премиера на филмот “Лазар”

14/01/2016

    Долгометражниот игран филм „Лазар“, во режија на Светозар Ристовски ќе има американска премиера на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Санта Барбара, којшто ќе се одржи во период од 3-13 февруари, 2016 год. во САД.

    Филмот ќе биде прикажан на 8 февруари во програмата “NOIR”, селекција посветена на меѓународни нео-ноар остварувања кои обработуваат криминални теми од подземјето, фатални жени и морални нихилисти.  

    Филмот е копродукција меѓу Македонија (Small Moves Production), Бугарија, Хрватска и Франција и истиот е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Македонија како мнозински филмски проект. Значајно е да се напомене дека „Лазар“ има добиено и финансиска поддршка од европскиот филмски фонд „Еуримаж“.

    „Лазар“ е приказна за млад човек кој е незадоволен и емотивно неповрзан со светот околу себе. Кога неговиот татко го напушта семејството, тој мора да се снаоѓа и да биде цврст, а сега во своите средни дваесетти години се впушта во круг на криумчарење на емигранти. Неговиот поглед на светот почнува да се менува кога ќе се вљуби во Катерина, студентка по архитектура, која случајно ја сретнува... 

    Актерската екипа ја сочинуваат хрватскиот актер Ведран Живолиќ во ликот на Лазар и македонската актерка Наташа Петровиќ во улогата на Катерина, а исто така играат и Горан Навојец, Дејан Лилиќ, Владо Јовановски, Тони Михајловски, Красимира Кузманова, Александар Сано и Александра Балмазовиќ. Сценариото на филмот го потпишуваат Светозар Ристовски и Грејс Леа Троје а кинематографер е Дејан Димески.