Светска премиера на „Споменик на Мајкл Џексон“ на Фестивалот во Карлови Вари

02/07/2014

    

Долгометражниот филм „Споменик на Мајкл Џексон“, на сценаристот и режисер Дарко Лунголов, ќе ја доживее својата светска премиера на престижниот филмски фестивал во Карлови Вари кој се одржува од 4-12 јули во Чешка.

Филмот ќе биде прикажан на 7ми јули во натпреварувачката програма „Источно од Западот“.

Приказната се врти околу мало српско гратче на работ од изумирање каде живее Марко, вечен сонувач. Од плоштадот е отстранет споменикот на еден партизански борец. Длабоко разочарана од својот сопруг губитник и од монотоното секојдневие во малото гратче, сопругата на Марко, Љубинка, се одлучува на развод. Со цел да го спаси својот брак и својот град од изумирање, Марко се решава да подигне споменик на Мајкл Џексон на местото од комунистичкиот споменик.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Борис Миливојевиќ и Драган Бјелогрлиќ а една од главните улоги толкува и македонскиот актер Тони Михајловски. Филмот е сниман на локации во Македонија и Србија, копродуценти се Германија и Хрватска а поддржан е од Агенција за филм на Р. Македонија.

Македонската премиера е закажана за почетокот на ноември.