СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ“ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО МОНТРЕАЛ

17/08/2015

Македонскиот игран филм „Три дена во септември“ во режија на Даријан Пејовски влезе во официјалната програма на овогодинешното издание на Филмскиот Фестивал во Монтреал (Montreal World Film Festival). Овој фестивал со дологогодишна традиција ќе се одржи по 39ти пат, во периодот од 27ми август до 7ми септември 2015.

„Три дена во септември“ во Монтреал ќе ја доживее својата Светска премиера, и како дебитантски долгометражен филм на режисерот, ќе се натпреварува за една од наградите на Светската компетиција на први филмови - Златен Сребрен и Бронзен Зенит.

“Три дена во септември” е приказна за две комплетно различни жени кои по игра на судбината се приморани да си помогнат една на друга. Марика убива човек во самоодбрана. Таа бега со воз каде ја запознава Јана, тивка и срамежлива жена во своите доцни 30-ти. Јана патува кон нејзината куќа во изолиран крај длабоко во планините, кој ги крие нејзините тајни. Марика препознава шанса за да се засолни. Деновите минуваат во тивка меланхолија, а сомнежот на двете жени за нивните вистински намери станува сѐ посилен.Филмот е снимен по сценарио на Даријан Пејовски и Игор Иванов, директор на фотографија е Димо Попов, сценографија - Снежана Поњавиќ Муча, костимографијата е на Емилија Ивановска Атанасовска, шминка - Симона Ристевска, монтажа - Владимир Павловски и дизајн на звук Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, ко-продуцент Валон Бајгора. Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај, Блерим Черичи.

„Три дена во септември“ е копродукција помеѓу Скопје Филм Студио од Македонија и Иконе Студио од Косово, а проектот беше поддржан од страна на Агенцијата за филм на РМ и Косовскиот филмски центар.

Проекциите на филмот во Монтреал се закажани за 2ри и 3ти септември во Cinéma du Quartier Impérial.