Светска премиера на „Кога денот немаше име“ на Берлински филмски фестивал

16/02/2017

 

Македонскиот долгометражен филм „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар Митевска во вторникот (14. февруари) ја имаше својата светска премиера во престижната категорија Панорама во рамки на 67. Берлински филмски фестивал. Учеството на македонски филм во програмата Панорама е од исклучителна важност и е значаен успех за македонската кинематографија како и своевидна потврда на квалитетот на филмот. Премиерата се одржа во киносалата Zoo Palast пред широк филмски аудиториум на љубителите на филмската уметност во Берлин.

На премиерата на филмот присуствуваа и директорката на Агенција за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска Илиевска и Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, а покрај режисерот Теона Стругар Митевска, продуцентот Лабина Митевска и сценаристот Елма Татарагиќ присуствуваа и шесте млади главни актери во филмот: Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов. Во останатите улоги покрај актерките Ратка Радмановиќ, Николина Кујача, Ана Косотовска и Лабина Митевска, за првпат на платно се појавуваат Петрунија Киселички и Инес Ходич.

„Кога денот немаше име“  е македонски мнозински проект реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со копродуцентите Вертиго од Словенија и Ентре Шиен е Луп од Белгија. Филмот е снимен од француската кинематограферка Агнес Годар, сценограф е Вук Митевски, а костимите се на словенката Моника Лорбер.

„Кога денот немаше име“  е поддржан од Агенција за филм на Република Македoнија а истиот е финансиран и од страна на Еуримаж. Филмот е предвидено да биде прикажан вкупно 7 пати за време на Берлинскиот филмски фестивал од кои два пати на Маркетот - затворени проекции само за филмските професионалци, a петте останати проекции се за публиката каде филмската екипа по секоја проекција ќе има сесија на прашања и одговори со публиката.

Распоред на филмски проекции - Берлински филмски фестивал

  
Кога денот немаше име во режија на Теона Стругар Митевска
10.02.2017, 15:05  CinemaxX 14 (Market Screening) 
11.02.2017, 22:30 Colosseum 1(Public Screening)
14.02.2017, 19:00  Zoo Palast 1
 (World Premiere)
15.02.2017, 10:00  CinemaxX 7 (Public Screening)
16.02.2017, 14:30  Cubix 9 (Public Screening)
16.02.2017, 17:30  CinemaxX 11 (Market Screening) 

18.02.2017, 20:00  International (Public Screening)