Американска премиера на „Златната петорка“ во САД и награда на фестивалот во Мумбај

26/09/2017

Во петокот, во официјалната програма на 36-то издание на Интернационалниот филмски фестивал во Њу Џерси, се случи свечената американска премиера на долгометражниот игран филм „Златна петорка“ на Горан Тренчовски во продукција на Револушн од Скопје по што следуваше дискусија со публиката. На премиерата, меѓу другите, присуствуваа и бројни претставници од американската филмска индустрија, како и од македонската заедница во САД. 

Ден потоа, филмот се прикажа и во Мумбај, на индискиот Јагран филм фестивал, кој во моментов е најпосетениот филмски фестивал во Јужна Азија и се одржува во 16 градови во Индија. На затворањето на фестивалот во Мумбај, во центарот на Боливуд, филмот ја освои Наградата за најдобар странски филм, а режисерот Тренчовски имаше обраќање со видеопорака.

Филмот „Златна петорка“ наскоро ќе учествува и на фестивали во Варшава, Санкт Петербург, Брно, Софија и Нови Сад, а странски дистрибутери се заинтересирани за правата за прикажување во Америка, Европа и Азија.

Филмот досега е селектиран на над 20 фестивали, а освои шест интернационални награди и е најгледан македонски филм изминатата сезона.