Светска премиера на „Реквием за Госпоѓа Ј“ на Берлинале

26/01/2017

 

Долгометражниот игран филм „Реквием за Госпоѓа  Ј“, деби на режисерот Бојан Вулетиќ,  ко-продукција помеѓу „СЕЕ Филм Про“ - Србија, „Геополи Филм“ - Бугарија и „Скопје Филм Студио“ - Македонија, ќе има Светска премиера на 67-от Интернационален филмски фестивал во Берлин кој ќе се одржи во периодот од 9ти до 19ти февруари 2017. Филмот ќе се прикажува во рамките на програмата Панорама.

Интернационалниот филмски фестивал во Берлин е впишан на листата од само петнаесет компетитивни фестивали во светот на FIAPF Меѓународната Федерацијата на Асоцијации на Филмски Продуценти, единствената организација одоговорна за регулирање на филмските фестивали на светско ниво, вклучувајќи ги тука најзначајните како Кан, Венеција, Монтреал.

Програмата Панорама  е од натпреварувачки карактер и е  посветена на независниот филм, на уметничката визија наспроти комерцијалните интереси. Панорама прикажува нови филмови на  реномирани режисери, како и дела на сé уште неоткриени таленти, при што изборот дава  увид на новите трендови во авторскиот филм.

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и емотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва. Главниот лик, Госпоѓа Ј, откако останува без работа и пензија, бара начин материјално да го обезбеди своето семејство. Постарата ќерка крие дека е трудна, помладата ќерка влегува во бурен пубертет, а свекрвата само молчи и не комуницира со никој. На еден поинаков начин, преку црн хумор, овој филм се обидува да зборува за сериозни теми од животот во транзиција.

Сценариото е на Бојан Вулетиќ, директор на фотографија е Јелена Станковиќ, сценограф е Зорана Петров, костимограф Лана Павловиќ, шминка Јасмина Лилиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Улогите ги толкуваат: Мирјана Карановиќ, Даница Неделковиќ, Мира Бањац, Јована Гавриловиќ, Срѓан Тодоровиќ и др. Продуценти се Ненад Дукиќ, Павлина Желева, Томи Салковски и Александер Родњански.

Светската премиера на филмот е закажана за 13.02.2017 година во 19.00 часот, во киното Zoo Palast 1, а истиот ќе се прикажува и на: 11.02.2017 во 17:00 часот во киното Cubix, на 14.02.2017 во 09:30 часот во киното CinemaxX 7 и на 15.02  во 14:30 часот во киното Cubix 9.

Реализацијата на проектот е помогната од  Агенцијата за филм на РМ, Српскиот филмски центар и Бугарскиот национален филмски центар, а подршка даде и европскиот ко-продукциски фонд Еуримаж.