Види ја ти неа – Најдобар интернационален краток филм на Санденс

25/01/2018

 

На 34. Филмски Фестивал Санденс, најголемиот американски фестивал на независен филм, „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски во програмата Краток филм ја освои наградата Најдобар интернационален игран филм, најзначајната во оваа категорија во која се натпреаваруваа 17 наслови од целиот свет.

Наградите во програмата Краток филм, кои се признание за извонредни достигнувања, оценувајќи ги уметничките и елементите на пренесување на приказната, ги доделува тричлено Жири на краток филм. Годинава, членови на ова жири се: Шерин Дабис - наградувана сценаристка, режисерка и продуцентка, Ширли Мансон – вокалот на познатиот алтернативен рок-бенд Гарбиџ и истакнатиот писател и стрип автор Крис Вер, кој вчера на церемонијата за доделување на награди, му ја врачи статуетката на режисерот Горан Столевски, при тоа споредувајќи го неговиот стил на пишување со Толстоевиот.