Започна снимањето на краткиот филм “Исклучиво жолти лалиња”

01/04/2016

         Денес започнува снимањето на краткометражниот игран филм „Исклучиво жолти лалиња“  во режија на Кузман Кузмановски, а според сценарио на Ева Камчевска.

        Филмот ќе се снима во период од 1-6 април, 2016 година на неколку локации во Скопје и околината. Актерската екипа ја сочинуваат Тони Михајловски, Горан Трифуновски, Александра Павлова, Снежана Киселички и Кети Илиевска. Директор на фотографија е Кирил Шентевски, сценограф Дејан Гошевски, шминката е на Игор Петрески, а продуценти се Калина Кузмановска и Кузман Кузмановски.

        „Исклучиво жолти лалиња“ е приказна за Гиго, писател и слободен уметник кој се` уште е ерген, што од повлеченост, што од срамежливост. Поканет на кафе кај негова познаничка, оваа средба му влева надеж дека по средбата веќе нема да биде сам во животот. Слушнал дека жената каде е повикан на кафе, обожава жолти лалиња, па како за добар почеток на состанокот, тој е решен по секоја цена да најде жолти лалиња.

        Филмскиот проект е во продукција на Калина и Кузман Кузмановски (Аурипигмент продукција)  и истиот е поддржан од Агенција за филм на Р. Македонија.