Премиера на „До Балчак“, најновото филмско остварување на Столе Попов

14/09/2014

    

Вечерва со почеток во 20:00 часот во Домот за култура во Битола ќе се одржи свечена премиера на најновото филмско остварување „До Балчак“ на еминентниот режисер Столе Попов.

Филмот  е историска драма, приказна за комплексен четириаголник помеѓу бескомпромисен и идеалистичен востаник, безмилосен турски офицер, богат „татин“ син опортунист кој се враќа дома по завршени студии во Европа и една луцидна и слободоумна Eвропјанка во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија на настани со далекусежни и несогледиви последици. Ликовите минуваат низ бурни судири, доживуваат катарзични искуства и стекнуваат длабоки нови самосознанија. Филмот е суровa и романтична сторија која ја испитува вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност низ призмата на релативноста на поимите на слобода, правда, љубов, жртвување и предавство. Приказната ги драматизира и пародира митот и анти-митот на исток и запад, на Европа и Балканот. Таа ги усвитува до жижа парадоксите и апсурдите на македонската историја. Фатен во стапица, еден од ликовите ја декларира својата радикална философија: „Ебати животот, ако не си подготвен да умреш за него“! Ако традиционалниот американски жанр е Вестернот, т.е. приказна од дивиот запад, овој филм е неговиот источен пандан, Истерн, приказна од „дивиот„ исток.

Филмот е работен по сценарио на Горан Стефановски, ко-сценарист Столе Попов, директор на фотографија е Апостол Трпевски, музиката е на Дуке Бојаџиев, сценограф  Миленко Јеремиќ, костимограф Емилија Ивановска, а главните улоги ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски.

Филмот е во ко-продукција помеѓу Триангл филм, Сектор Филм, ФХ3Х и Македонска Радио Телевизија, финансиран со средства од Владата на Република Македонија, Министерство за култура, Агенцијата за филм на Република Македонија.